Програма за работа

Програма за работа на Центарот за научно-истражувачка работа (ЦНИР)

 

          Почитувани,

          Денес, повеќе од кога било порано, е нагласена потребата не само за континуирано следење на современите светски текови во науката, туку и за активно вклучување на сите субјекти во глобалните процеси што подразбираат нејзина примена и натамошно продлабочување. Овој императив се наметнува во услови кога исклучителноста на постигнатите резултати, како на деловните субјекти, така и на сите видови организации и институции, но и на поединците, стануваат гаранција за успешноста при сѐ поизразената конкурентност што се манифестира на сите нивоа. Научно-истражувачката дејност, пак, е сублимат на креативните процеси и творечката работа чиишто резултати во себе содржат оригиналност, изворност или новина, насочена кон проширување на вкупните знаења во определена област и нивна примена во праксата, а со цел проширување на материјалната основа на општеството и развивање на општествено-економските односи.

          Во овој контекст, а имајќи ја предвид долгогодишната традиција, Центарот за научно-истражувачка работа (ЦНИР) при Економскиот факултет во Прилеп продолжува, со несмалено темпо и посветеност, да биде промотор и столб на развојот на научната мисла не само во регионот, во државата, туку и надвор од нејзините граници. Центарот за научно-истражувачка работа претставува засебна организациска единица во рамките на Факултетот, којашто ја промовира, интензивира, популаризира и поттикнува научно-истражувачката дејност, како интегрален дел на вкупната дејност на Економскиот факултет во Прилеп.

          Центарот за научно-истражувачка работа при Економскиот факултет во Прилеп, за претстојниот двегодишен период (академските 2014/15 и 2015/16) ја планира, но не се ограничува само врз реализацијата на следниве активности:

  • Поттикнување на Катедрите на Факултетот за организирање brain storming сесии преку коишто би се дијагностицирале актуелните проблеми во соодветните области;
  • Изработување нацрт-проекти насочени кон решавање на одделни проблеми, преку работни тимови во рамките на Катедрите на Факултетот;
  • Изработување интердисциплинарни проекти преку посебен оддел во Центарот за „пост-транзициски феномени“, којшто би претендирал да даде особен белег на Центарот во рамките на меѓународните проекти;
  • Континуирано следење на активностите во врска со постојните научно-истражувачки програми и подготвување апликации за конкурирање врз основа на нацрт-проектите;
  • Континуирано следење и навремено информирање на академскиот кадар во врска со повиците за објавување научно-истражувачки трудови (call for papers, CFPs), заради настапување на меѓународни конференции или симпозиуми, и заради нивно публикување во реномирани меѓународни научни списанија и журнали, особено оние што се индексирани во базите на EBSCO, SCOPUS, Thomson Reuters, Emerald и сл., како и оние со импакт фактор (impact factor, IF);
  • Воспоставување и одржување контакти со други универзитети во Република Македонија и од регионот на Југоисточна Европа заради отпочнување заеднички научно-истражувачки проекти;
  • Користење на истражувачките искуства од универзитетите во развиените земји и поканување гости-предавачи, заради непосредно пренесување на сознанијата од областите што се од интерес за Факултетот;
  • Организирање конференции, симпозиуми, интерни повици, советувања, трибини и тркалезни маси со цел иницирање на научно-истражувачки активности, како и дисеминација на резултатите од научно-истражувачката работа и реализираните проекти;
  • Претплата на реномирани стручни списанија од области што се од клучно значење за научно-истражувачката дејност во Факултетот;
  • Набавка на реномирана странска стручна литература од областа на економијата и сродните гранки, а коишто не се опфатени со проектот на Владата на Р. М. за преведување на најдобрите светски книги и учебници;
  • Изработување апликативни проекти по барање, како и организирање предавања и обуки, заради адресирање на потребите на пошироката бизнис заедница;
  • Активно вклучување на студентите (особено од втор и трет циклус) во научно-истражувачките проекти, како основа за изработување семинарски работи, магистерски и докторски трудови;
  • Изградба на интерна компјутерска база на податоци заради евидентирање и брзо референцирање на сите научно-истражувачки трудови на академскиот кадар, објавени во зборници од конференции, журнали, и стручни списанија, во земјата и во странство, како и на сите одделни учества во домашни и меѓународни проектни активности;
  • Создавање на интерна архива - репозиториум на отпечатени примероци (hard copy) на сите научно-истражувачки трудови на академскиот кадар, објавени во зборници од конференции, журнали, и стручни списанија, во земјата и во странство;
  • Преземање на сите други видови активности што се во насока на поттикнување на научно-истражувачката работа.

                           Со почит,

          доц. д-р Илија Христоски, с.р.

            Раководител на ЦНИР при ЕФП


© Економски Факултет - Прилеп, 2007 - 2017. Сите права задржани.